Еврокомесарот Хан на средби со партиските лидери
Исполнети се условите за одржување избори- вакво уверување добил еврокомесарот Хан на дел од средбите со партиските лидери. Заев истакнал дека е важно да се испочитувааат условите. Груевски, дека за тоа треба ангажман од сите политички субјекти. Тачи ќе ги поддржи законските измени што ги бара обвинителката Јанева, за Ахмети, за тоа пред изборите нема време...

Посетата на Комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан проследена во очекување дека ќе ја разреши дилемата дали се исполнети сите услови за одржување на избори на 11-ти декември.
Според соопштението од кабинетот, премиерот Димитриев го изразил своето задоволство од фактот дека сите политички партии се согласија дека се исполнети сите услови за реализација на фер и демократски избори. Нагласил дека изборите на 11 декември се единствено решение за политичката криза.
На средбата со Обвинителката Јанева, зборувале за тоа како натаму ќе функционира СЈО во иднина.
Од лидерот на ДПА, Комесарот Хан добил уверување дека партијата ќе ги поддржи законските измени што ги бара СЈО. Во однос на изборите Мендух Тачи бил директен.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на средбата со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, порачал дека заеднички став е дека веќе постигнатиот договор треба да се почитува од сите. Тоа е клучно за да се одржат фер и демократски избори .
Во соопштението од СДСМ стои дека е изразена заедничка согласност дека е неопходно сите политички партии и институции да ја испочитуваат обврската за слободни, фер и регуларни избори на 11- ти декември. Била нагласена потребата од реализација на сите договорени услови за организирање и спроведување на договорените предвремени парламентарни избори, овозможување функционирање на правдата, како и за важните реформски процеси за демократизација на Македонија.
На средбата на Хан со раководството на ВМРО-ДПМНЕ соговорниците констатирале дека се исполнети условите за одржување на предвремените парламентарни избори на 11- ти декември, стои во писмениот допис од ВМРО-ДПМНЕ. Груевски посочил дека изборите се едиствениот начин за излез од политичката криза, а за веродостојноста на целокупниот процес и градењето на доверба потребен е ангажманот и придонесот на сите политички субјекти, а дека ВМРО-ДПМНЕ принципиелно се придржува и го дава својот придонес во исполнување на политичкиот договор.
Игор Панов
