Седница за буџетот и за распуштање на Собранието
Во образложението на иницијативите за распуштање на Собранието се нагласува дека четирите најголеми политички партии постигнаа договор за начините и условите за надминување на политичката криза...

Во Законодавниот дом е закажана нова пленарна седница, на која пратениците треба да расправаат за предлог-буџетот за 2017 година. На дневен ред се и двете иницијативи за распуштање на Парламентот, поднесени од Павле Трајанов и од СДСМ, и од коалициските партнери.
Расправата за буџетот може да трае најмногу пет дена. Со предложената државна каса, вкупните приходи се очекува да бидат 3 милијарди евра, а буџетските расходи 3,3 милијарди.
Буџетскиот дефицит е проектиран на 3 проценти од БДП, колку што се очекува да биде и економскиот раст. Во проектираниот буџет за в година се ставени и повеќе пари за капитални инвестиции.
Во образложението на иницијативите за распуштање на Собранието пак, се нагласува дека четирите најголеми политички партии постигнаа договор за начините и условите за надминување на политичката криза.
Според договорот од 31-ви август, изборите треба да се одржат на 11-ти декември. Текот на денешната седница ќе се договара на координацијата на спикерот Вељаноски, со шефовите на пратеничките групи.
Засега е неизвесно дали ќе стане збор и за шестата изборна единица, во која има повеќе гласачи од законски дозволеното. Досега работната група не најде решение за ова прашање.
