Груевски: 11-ти декември важен за иднината на земјава

17.10.2016 10:09

63 пратеници за стабилна влада без уцени, и со фокус на проекти за подобар живот на граѓаните, побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, од партискиот собир во Скопје. Рече дека е време за крај на кризата, најавувајќи уште пообемна програма и нови проекти...

11-ти декември е многу важен ден за иднината на Република Македонија, денот кога секој ќе има можност да покаже во каква Македонија сака да живее. Не е потребна само победа туку и поддршка за 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, што ќе значи силна порака до сите кои мислат дека можат да го заобиколат народот, да го делат и навредуваат. Ќе покажеме дека нема во Македонија ценкање и пазарење со иднината на нашата држава, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола груевски на Народниот собир во „Борис Трајковски“. Порача- дојде време на почетокот на крајот на кризата.

„Опозицијата слушам дека се надевала дека иако изгуби, значи свесни биле дека ќе изгубат, ќе формирале Влада со останатите партии... каков лузерски пристап е тоа... и затоа нивниот лидер ветува двојазичност, брза промена на името, верувам дека нема ни да преговара човекот, туку ќе биде “дај шта даш”... и слично... комплетно редефинирање на македонската држава.Значи човекот ветува нова држава, некоја Нова Македонија. Вие знаете кој одговор треба да го добие“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

По изборите нема да се фокусираме на реваншизми и на продлабочување на поделбите, туку ќе правиме максимум да се променат работите за подобар живот на граѓанит. Да престанат кавгите по улиците, меѓу соседи и пријатели по партиска основа.

„Почнуваме силно на терен, како никогаш досега. Ќе пробаме да допреме до секој еден граѓанин, до секое едно семејство за да ја пренесеме нашата порака, да ве погледнеме во очи и да ви кажеме кои се нашите планови и идеи како да го направиме вашиот живот подобар, како да ја направиме нашата татковина попросперитетна и подобро место за живеење. Ние ја имаме таа обврска и никој не може да ја сака нашата татковина повеќе од нас самите кои тука живееме“, нагласи Груевски.

Имаме, вели Груевски, план и програма со конкретни чекори, фокусирана на нови работни места и многу нови инвестиции и проекти во повеќе области од земјоделие, млади, здравство, образование, социјала и пензии, како и инфраструктура, Најави наскоро влез на уште четири странски инвестиции преку кои ќе се отворат околу 1400 работни места.

 

Наташа Гркова- Петрушевска