Меѓународен ден на сиромаштијата

40% од домаќинствата во земјава на праг на сиромаштија

17.10.2016 15:58

40 проценти од домаќинствата во земјава живеат со 40 денари дневно. 26 проценти од нив не можат да си обезбедат месо ниту еднаш неделно, покажуваат последните статитстички податоци. Македонија го одбележа меѓународниот ден на сиромаштијата.

40 проценти од домаќинствата во Македонија се на прагот на сиромаштија. Живеат со 40 денари дневно. 26 проценти од нив не можат да си обезбедат месо ниту еднаш неделно, покажуваат последните статитстички податоци. И Ерџан Садик е дел од оваа статистика иако од неодамна заработува по некој денар.

„Почнав да го продавам весникот „Лице в лице“, и оттогаш имам подобар живот. Пред да почнам да работам, одев по канти, собирав шишиња, немав живот, од социјална помош не се живее, дали да платиш струја, дали за јадење, дали за друго“, вели Ерџан Садик, продавач на весникот „Лице в лице“.

Според анализите, Македонија на европско ниво е меѓу сиромашните земји. За ублажување на проблемот, своја улога има и невладиниот сектор. Оттаму тврдат дека се на терен, им помагаат на социјално ранливите категории, имаат одговорност, но државата има обврска да се справува со овој проблем.

„Она што сакаме да го упатиме како порака од оваа конференција е дека една социјална држава не смее да дозволи да има над 100.000 граѓани кои живеат во апсолутна сиромаштија“, изјави Билјана Дуковска, Македонска платформа против сиромаштијата.

Од ресорното министерство најавуваат ревидирање на целокупниот систем на социјална заштита како и на оние што се наоѓаат во социјален ризик. Зголемен е бројот на семејствата со примања под 5.600 денари месечно, се намалува бројот на граѓаните кои се ниска средна класа, се зголемува сиромашното население. Тоа е аларм што мора да се вклучи.

„Една од нашите заложби и цели е да ја намалиме сиромаштијата до 2020 под 18 проценти. тоа е нешто кон што ќе се стремиме, за да обезбедиме подобри услови за граѓаните, но и вистинска реализација на борбата против сиромаштијата“, изјави Фросина Ташевска– Ременски, министер за труд и социјална политика.

Во ваква ситуација можат да помогнат и проекти на општините.

„Општина Центар дава помош за социјално загрозените, парични средства, даваме огревни дрва, обезбедуваме по 50 евра за учениците“, изјави градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Според надлжените, потребно е и формирање државна банка за храна за да може да се обезбеди сигурно снабдување на сиромашните, децата и бездомниците со храна. До тогаш неизбежни ќе бидат сликите на луѓе на секој агол кои питачат за парче леб.

 

Наташа Јанчиќ