Бербата на јаболкото завршува, се чекаат трговците
Преспанските овоштари ја довршуваат бербата на јаболкото. Годинава не им се погодија ниту времето ниту пласманот. Од пролетните мразови настрадаа скоро 2.700 хектари, а родот беше преполовен. Сега доаѓа и најтешкиот дел, откупот.

Пролетните мразови го десеткуваа родот на јоболкото во ресенско. Од просечните 125.000, годинава се очекува да се наберат најмногу 50.000 тони.
Од почетокот од бербата овоштарите се во неизвесност каков ќе биде и пласманот и цената, бидејќи се уште нема доволно заинтересирани трговци за откуп на јаболкото.
Малиот број на откупувачите нудат од 10 до 12 денари за килограм ајдаред, а за црвениот и златниот делишес по 18 и 15 денари.
Овоштарите се надеваат дека за 5 до 10 дена ќе им се смени среќата и ќе има поголема побарувачка на јаболкото, особено за извоз, а со тоа и поголема цена за килограм.
На домашниот пазар потрошувачката на јаболка е многу мала и изнесува од 25-30 проценти од вкупното производство, додека извозот достигнува печалба од скоро 15 милиони евра годишно.
Методија Трајков
