Трамп и Клинтон сѐ уште во тесна трка
Досега невидена и валкана изборна кампања во САД. Со вчерашниот напад врз седиштето на Републиканската партија во Северна Каролина се зголемуваат тензиите на само 20-ина дена пред претседателските избори. Трамп и Клинтон пред клучната трета дебата в среда се во тесна трка...

За првпат во американската историја, над 50 проценти од Американците не ги одобруваат претседателските кандидати Доналд Трамп и Хилари Клинтон. Клинтон има 47 проценти поддршка, а Трамп 43 отсто во најновата анкета на „Ен-Би-Си“ и „Вол стрит журнал“. Обвинувањата за сексуални напади на 9 жени му наштетија на Трамп, додека тој обвини дека тоа е медиумска хајка против него и најави тужба против Њујорк Тајмс.
„Клинтон е најкорумпираната личност којашто се кандидирала за претседател. Медиумите и донаторите со специјални интереси, ќе направат се што е во нивна моќ за да ја изберат заради нивна корист на ваша сметка“, изајви Доналд Трамп.
Медиумите малку се осврнуваат на објавените имејлови од „Викиликс“ според кои Клинтон е за отворени граници, слободна трговија и дека ФБИ бил уценуван од Стејт Департмент да ги симне класификациите доверливо од имејловите на државната секретарка во замена за повеќе места за агентите во странство.
„Се напреваруваме насекаде и трката е тесна, бидејќи мислам дека Американците сакаат да излезат на избори во што е можно поголем број, за да ја отфрлат мрачната, деструктивна и кампања на омраза на мојот противник“, рече Хилари Клинтон.
На дваесетина денови пред изборите, атмосферата меѓу поддржувачите на Трамп и Клинтон се вжестува. Повеќе од неопределени гласачи ги поддржуваат ставовите на Трамп за економијата, трговските договори и безбедноста, додека жените најмногу ја поддржуваат Клинтон.
Флорида, Пенсилванија и Охајо се клучните држави во кои ќе се одлучи кој ќе биде новиот американски претседател.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
