Аналитика: Акциите „Ќелија“ дадоа резултат
Двете полициски акции „Ќелија“ придонесоа да се намали бројот на екстремистите од земјава што заминуваат на боиштата во Сирија и во Ирак, покажува истражувањето на невладината Аналитика. Сепак, не се соопштува бројката колку од нив се вратиле во државава. Познавачите велат дека не може да се конструира профилот на потенцијалниот екстремист, затоа што мотивите од коишто се понесени, се од различен карактер.

Пресудата со високи затворски казни што ги добија повратниците од боиштата на Блискиот Исток придонесе да се намали бројот на нивни истомисленици кои заминуваат од земјава за да војуваат во Ирак и во Сирија – покажува истражувањето на невладината „Аналитика“. Сепак, проблемот не е искоренет, затоа што се уште, повеќе од сто луѓе со пушка в рака стојат на страната на Исламска држава.
„Првиот допир на младите со насилниот ектресмизам е преку социјалните мрежи, а потоа за доаѓање до моментот на регрутација се оди преку лични или фамилијарни контакти“, изјави Андреј Богдановски, истражувач по безбедносни прашања.
Истражувањето покажува дека 86 борци се вратиле во земјава. 11 се осудени со затворски казни, а на 4-ца им претстои судски процес. Но, некои од нив не ни стигнале дома.
Охриѓанецот Мухамед Зекири лани беше уапсен од турската полиција откако со уште тројца џихадисти се враќаше од обучен камп во Сирија. Во престрелката застрела двајца полицајци по што е осуден на доживотен затвор.
За регрутирање војници во Италија е уапсен уште еден македонски државјанин. За превенција од насилен екстремизам, во истражувањето се препорачува ефикасна програма за ресоцијализација што ќе ја спроведуваат пенолозите во затворите.
„Постои сериозна опасност и од лицата кои се вратени од боиштата и затоа напоменуваме дека е потребна таа ресоцијализација. Мора државата да работи напорно за да создава механизми како да не дојде до радикализација, а истовремено да се работи на тоа оние лица кои биле од различни причини на боиштата во Авганистан, Ирак, во Сирија, да се ресоцијализираат“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Ова е проблем во чие решавање треба да се вклучат градоначалниците, родителите, наставниците, затоа што радикализацијата може да се случи навечер во нечија спална или пак на Интернет. Затоа е важно да се разберат мотивите на тие луѓе“, рече амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли.
Пари, идеологија, политички убедувања – широка е лепазата на мотиви поради кои луѓето пристапуваат кон насилен екстремизам. Нивниот профил тешко се дефинира затоа што, меѓу регрутите има и лекари, студенти и високо образовани луѓе.
Анита Димитријевска
