Роковите течат: Подготовки за изборниот процес
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, испрати покани до меѓународните организации да ги набљудуваат предвремените парламентарни избори во Македонија. Изборните рокови течат, ценовниците за платено политичко рекламирање да се објават до недела.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, упати покани до претседателите на парламентарните собранија на ОБСЕ, на Советот на Европа, и НАТО и до Европскиот парламент, нивни делегации да учествуваат во набљудувањето на предвремените парламентарни избори.
Според роковникот, барање за набљудување на изборите може да се поднесе до ДИК од денот на распишување на изборите до први декември. Државната изборна комисија на својата веб-страница ќе ја објави посебната апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија што живеат во странство за декемвриските предвремени парламентарни избори.
„Сѐ до 11-ти ноември тие граѓани ќе можат да се пријавуваат за остварување на избирачкото право за гласање во странство. Пријавата можат да ја доставуваат директо до дипломатско- конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, а од оваа година новина е веб апликацијата на интернет страницата на ДИК, заради олеснување на самиот процес на пријавуавње“, изјави Љупка Гугучевска од ДИК.
Веќе почнаа да течат изборните дејствија. Увидот во избирачкиот список почнува на 28-ми октомври и ќе трае 15 дена, односно до 11-ти ноември. За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа спорни за време на последното прeчистување на избирачкиот список.
Новина за овие избори е тоа што избирачкиот список ќе содржи и фотографија на гласачот, со цел да се намалат шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности. Државната изборна комисија побара 7,5 милиони евра за организирање на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември.
Миле Ристески
