Еден загинат, еден повреден во сообраќајка на патот Седларево- Мерово
Возачот на возилото починал на самото место, додека неговиот сопатник, кој се здобил со телесни повреди, бил префрлен во тетовската клиничка болница...

Едно лице загина, друго е повредено во сообраќајна несреќа што ноќеска околу еден часот и триесет минути се случила на локалниот пат Седларево- Мерово во близина на крстосницата за Луковица, информираат од СВР Тетово.
Б.К. (32) од Скопје од засега неутврдени причини изгубил контрола врз патничкото моторно возило „БМВ“ со скопски регистарски таблички што го управувал, по што излетал од коловозот, се превртел на покрив и паднал во бездна од дваесеттина метри на тешко пристапен терен.
Возачот на возилото починал на самото место, додека неговиот сопатник С.Г. (40) од Скопје, кој се здобил со телесни повреди, бил префрлен во тетовската клиничка болница од каде по неколкучасовно задржување бил пуштен на домашно лекување.
Се работи на утврдување на причините за излетувањето на автомобилот, како и околностите и се друго поврзано со оваа сообраќајка, велат од СВР Тетово.
