Тодоров: Објавен тендерот за изградба на новиот Клинички центар во Скопје
Инвестицијата само за изградба чини околу 68 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во вкупна вредност од 128 милиони евра.

Објавен е тендерот за изградба на новиот Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, соопшти денеска на прес- конференција вицепремиерот и министер за здравство, Никола Тодоров.
По спроведување на законските процедури ќе отпочнат градежните работи некаде во март 2017 година, кои е предвидено да завршат до крајот на 2021 година, односно рокот на изведба е 45 месеци, со гарантен рок од 12 месеци. Притоа, Тодоров истакна дека нема да се дозволи во ниеден момент да се загрози работата на клиниките во кампусот.
Оваа инвестиција претставува круна во македонскиот здравствен систем. Поставуваме нов стандард за квалитетот на здравствените услуги во Македонија. Инвестицијата само за изградба чини околу 68 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во вкупна вредност од 128 милиони евра, потенцира Тодоров.
