„Топлик“ и „Тендери“- нови истраги на СЈО

20.10.2016 16:39

Специјалното јавно обвинителство отвори два нови случаи во кои е направена штета на државниот буџет од два милини евра. Првиот се однесува на проектот „Сончев град“ во кој шестмина се осомничени за злоупотреба на службената положба. Вториот се однесува на изградбата на Музејот на македонската борба со тврдење дека тендерот бил наместен. Првоосомничен е раководно лице во министерството за култура...

Во „Топлик“ се осомничени 6-мина од Министерството за транспорт и врски за злоупотреба на службената положба при изградбата на на проектот „Сончев град“.

За да се реализира продажба на државно земјиште, прво била формирана комисија за јавно наддавање, која утврдила дека нема услови за тоа. Првоосомничениот формирал нова комисија која го спровела наддавањето. На крајот Министерството за транспорт склучило договор што, според СЈО, бил раскинат, па затоа покрај главнината била исплатена и камата.

„Од доказите произлезе основано сомневање дека поради раскинување на договорот по вина на Министерствтот за транспорт и врски, истото се обврзало на износот од 223.954.780 денари главен долг, кој целосно го вратил на правното лице, да исплати и затезна камата.по тој основ на 18.02.2013 година од сметката на мтв на сметката на друштвото сан сити доо скопје била исплатена затезна камата во вкупен износ 64.206.839 денари, односно 1.044.000,00 евра, за кој износ е директно оштетен буџетот на РМ“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Во вториот предмет „Тендери“ се сомничат раководно лице од Министерството за култура и тројца членови од Комисијата за јавни набавки. Го местеле тендерот за продолжување на градба на Музејот на револуционерната борба. Работата во износ од околу еден милион евра ја добила фирмата Бетон- Штип.

„Доказниот материјал упатува на основано сомневање дека градежната фирма ГТД Бетон Штип- АД Штип во меѓувреме, без спроведена постапка за јавна набавка ги изведувала завршните градежни и градежно-занаетски работи на објектот, согласно барањата на првоосомничената, и потоа, откако на 20.06.2011 година бил објавен огласот за доделување на јавна набавка, Бетон Штип АД доставил понуда и земал формално учество во постапката“, изјави Фетаи.

Од СЈО информираат дека ќе бараат судот да ги обезбеди присуство на осомничените во текот на постапката.

 

Наташа Гркова- Петрушевска