Специјалните обвинители остануваат во УБК, Јанева обвинета за нестручност
На терен продолжуваат натегањата со истрагата на специјалните обвинители во Управата за безбедност и контраразузнавање. Истражителите од вчера се обидуваат да ги обезбедат сознанија кој прислушкувал. Од СЈО изјавија дека е направен преседан со тоа што раководни лица во министерството ги попречуваат во нивната работа и покрај судскиот налог. Прозваните, директорот на УБК Атанасовски и челникот на Бирото за јавна безбедност, Чавков демантираат и ја обвинија Јанева за нестручност...

Тимовите за истраги на Специјалното обвинителство се уште се во УБК. Едната судска наредба е извршена- се прави попис на одземените документи, по што ќе следува одземање на книгите за евиденција кои содржат информации за посебните истражни мерки. За да може да се изврши втората судска наредба, велат од СЈО, се чека двајцата овластени експерти од УБК за ракување со системот, кои се во странство, да се вратат во земјава што според најавите треба да се случи денеска. Тогаш истражителите на СЈО ќе имаат пристап до компјутерскиот систем за следење на комуникациите за да утврдат кои телефонски броеви биле предмет на следење. Обвинителката Ленче Ристоска рече дека станува збор за нов систем кој се користи од март 2015-та година кој треба да се провери, за да се види дали се настанати злоупотреби и на овој систем, откако стариот е веќе уништен.
Специјалното обвинителство уште од март годинава ги барало документите за да изврши увид, но не добиле одговор. Затоа побарале од судот да го казни одговорното лице во УБК. Сега, кога влегле во Управата се соочуваат со опструкции, вели Ристоска.
Дополнителниот заменик министер Оливер Андонов рече дека секое нестручно преземање на материјалите може да доведе до сопирање на тековното следење на комуникациите, а со тоа и да направи штета на компјутерскиот систем.
Предистражната постапка што ја спроведува СЈО треба да одговори на прашањето кој, каде и зошто прислушкувал и дали прислушувањето е реализирано во УБК или пак го спровела странска служба.
Анита Димитријевска
