СЈО ќе го чека експертот од „Ериксон“

25.10.2016 10:08

Засега од оваа институција немаат податок, кога во земјава ќе пристигне експертот што треба да даде техничка помош.

Податоците што досега ги обезбедиле обвинителите и истражителите, веќе се анализираат, велат од Специјалното јавно обвинителство. За заклучоците од предистражната постапка, велат од ова обвинителство, ќе ја информираат јавноста кога целосно ќе се истражи случајот. СЈО ќе го чека експертот од компанијата „Ериксон“ за да може да се изврши во целост и втората судска наредба, велат од СЈО.

Засега од оваа институција немаат податок, кога во земјава ќе пристигне експертот што треба да даде техничка помош. Од компанијата „Ериксон“ потврдија дека на 19-ти месецов добиле барање од Специјалното обвинителство по судска наредба од кривичниот суд за, како што велат, „техничка асистенција заради истрага за функционалноста на законското пресретнување на комуникациите“.

Но, компанијата во соопштението до медиумите не открива дали ќе испрати свој експерт за да ја даде бараната техничка помош. Порачува, за прашањата поврзани со истрагата одговор да се бара од Специјалното обвинителство. Во соопштението на компанијата се вели и дека „Ериксон“ како производител на телефонски системи и опрема, исто така, е производител на системи за законско пресретнување. „Ериксон“ не е сопственик на опремата, ниту пак оперира со опремата за законско пресретнување на комуникациите.

СЈО отвори предистражна постапка за да го расчисти случајот со незаконското следење на комуникациите и да утврди дали прислушувањето се одвивало во УБК, или по налог на странска служба.