Унитети ги оспори изборите пред Уставен

25.10.2016 16:15

Партијата Унитети го оспори пред Уставниот суд распуштањето на Собранието. Еден од аргументите е што одлуката е донесена во услови на нерешен проблем со поголемиот број гласачи во 6-тата изборна единица. Правни експерти толкуваат дека овде нема предмет зашто не е повредена ниту една уставна или законска одредба. Но, не исклучуваат можност некоја од партиите да ги оспори резултатите од изборите...

За само една недела по распуштањето на Собранието, две иницијативи до уставниот суд, од Народното движење за Македонија и од Унитети, кои ја оспоруваат одлуката на мнозинството пратеници. Уставот и изборниот законик се прекршени, велат од партијата на Гзим Острени. Од Левица сметаат дека иницијативата е издржана. Унитети бара ревидирање и на изборните единици и се залага за отворени листи.

„Одиме на избори, ние сме за оваа држава да излезе од длабоката криза, но со оваа иницијатива уште еднаш докажуваме на јавноста дека и во овој случај оваа влада прави кршење на Уставот и законот“, вели Зулфи Адили од Унитети.

Нема ништо неуставно во одлуката за распуштање на парламентот, ниту пак може да се доведат во прашање изборните резултати поради поголемиот број гласачи во шестата изборна единица, смета лидерот на СДСМ Заев. Убеден е дека изборите ќе се одржат на 11 декември.

„Јас го кажувам политичкиот аспект во кој верувам дека 526-те гласа, на огромна миграција и огромна дијаспора на Македонија, навистина не претставува урнисување на еднаквоста на правото на глас. Впрочем би било убаво тоа да биде под 5%, но генерално сметам дека изборите треба да се одржат и да нема никаква пречка за регуларност и легитимност на изборниот резултат“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Со одлуката за распуштање на Собранието и распишувањето на изборите не е повредена ниту една уставна или законска одредба, вели професорката Тања Каракамишева-Јовановска. Испочитувана е одредбата за одржување избори во рок од 60 дена. 

„Рокот од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието и денот на распишување на новите избори е испочитуван и ништо нема противзаконско во донесената одлука и распишувањето на предвремените парламентарни избори“, смета Тања Каракамишева-Јовановска, универзитетски професор.

Конечната одлука по иницијативите ја има Уставниот суд, вели професорката Гордана Сиљановска, но како добар познавач на уставното право не гледа правен основ или неуставност во чинот на распуштањето на Собранието. Додава, уставот е дециден-редовни избори за пратеници се оддржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот состав или во конкретниов случај во рок од 60 дена од денот на распуштањето на законодавниот дом.

„60 дена се однесува на крајниот лимит, што значи може и порано од 60 дена, но не би требало да се пречекорат овие 60 дена. Се разбира дека ова значи дека не значи точно 60-от ден, бидејќи тоа е невозможно“, изјави Гордана Силјановска, универзитетски професор.

Професорката Каракамишева не ја исклучува можноста дел од политичките партии да отворат нова пандорина кутија и да ги оспорат изборните резултати, поради шестата изборна единица која има за 0,28 насто повеќе гласачи од законскиот цензус.Смета дека тука нема работа за уставните судии, бидејќи како што додава, ДИК најдоцна 30 дена пред денот на одржувањето на изборите може да направи промена на описот на избирачките места, односно одредени улици и броеви на куќи да ги префрли од 6-ката во 5-ката или во четвртата изборна единица.

Ако некое избирачко место претрпи измени, избирачите од новото избирачко место го остваруваат своето избирачко право во изборната единица каде што припаѓало избирачкото место, појаснуваат од ДИК, повикувајќи се на одредбите од изборниот законик.

Ставот од највисокото изборно тело е дека без разлика на состојбата во изборните единици, бројот на гласачите и надминувањето на рамката од плус-минус 5 проценти, Комисијата треба да ги организира изборите со Изборен законик што е во сила.

Милчо Велески