Отворена нова градинка во Горно Лисиче

26.10.2016 13:52

Годинава се отворени 12 објекти, а за 10 години се изградени 54 градинки за згрижување на деца од предшколска возраст.

Во скопската населба Горно Лисиче отворена нова детска градинка со капацитет за 100 деца. Инвестиција вредна 14 милиони денари. Годинава се отворени 12 објекти, а за 10 години се изградени 54 градинки за згрижување на деца од предшколска возраст.

Тука не запираме и понатаму продолжуваме во соработка со Општина Аеродром која што морам да посочам дека е пример за општина која што се грижи за создавање нови капацитети за згрижување деца од предучилишна возраст – изградба на нови градинки, истакна на отворањето на градинката дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов.

Во завршна фаза е и изградбата на новата детска градинка, целосна инвестиција на Општина Аеродром, за згрижување 200 дечиња, а во 2017 година се планира изградба на уште една градинка во оваа општина. Спасов истакна дека Општина Аеродром ќе биде опфатена и со проектот за изградба на нови 140 детски градинки.

Градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски истакна дека ова е прва нова градинка во Горно Лисиче, а втора изминатите неколку години во општината.

Интенцијата на Општина Аеродром е да ги згрижиме до крајот на 2016 година сите дечиња во нашата општина, што значи да ги обезбедиме потребните капацитети. Се надевам дека во соработка со МТСП оваа наша желба ќе биде остварена, ќе се реализира до крајот на 2016 година на задоволство на сите родители и жители на општина Аеродром- нагласи Коневски.