Орден за заслуги за Македонија за Драмски театар- Скопје
Ова е извонредна можност, рече претседателот Иванов, да им се заблагодариме на сите генерации членови на Драмскиот театар- Скопје, кои во изминатите години на сцената и зад неа создаваа театарска магија...
„Во изминатите седум децении на сцената на Драмскиот театар- Скопје израснаа генерации и генерации кои учеа за етичкото и естетското, кои се спознаваа себе си и светот, го осознаваа и го почитуваа животот. Тој процес не смее да запре.“ Ова го истакна претседателот на Македонија Иванов кој го одликува Драмскиот театар- Скопје со „Орден за заслуги за Македонија“.
Ова е извонредна можност, рече претседателот Иванов, да им се заблагодариме на сите генерации членови на Драмскиот театар- Скопје, кои во изминатите години на сцената и зад неа создаваа театарска магија која ги облагородуваше и исполнуваше посетителите на нивните претстави и изрази уверување дека Орденот ќе биде уште еден поттик за нови сценски подвизи, нови естетики и освојување нова публика.
Директорот на Драмски театар- Скопје, Роберт Вељановски рече дека претставува чест од рацете на таткото на нацијата, а во име на колективот на Националната установа Драмски театар Скопје да го прими ова големо признание.
Една од најголемите театарски вистини е дека театарот единствено опстојува само од и за доделениот аплауз по завршувањето на претставата. Но, кога валоризацијата на вредноста и значењето доаѓа од името на највисоките државни органи, тоа значи дека Драмскиот театар Скопје вградил една исклучително значајна нишка во постоењето, развојот и растежот на нашата татковина, рече Вељановски.
