Хелсиншки комитет: Наместо критики, ОЈО да почне со борба против корупцијата

26.10.2016 15:10

Можеме да заклучиме, се вели во соопштението, дека станува збор за нова епизода од кампањата против СЈО, бидејќи не е нормално да постои судир на две обвинителства на политичка основа...

Наместо анонимни критики на Специјалното јавно обвинителство, Основното јавно обвинителство да ја почне борбата со коруцијата, порачаа од Хелсиншки комитет, реагирајќи на писмото кое беше лиферувано во јавноста.

Оттаму потсетуваат дека СЈО не би било основано, доколку редовното било професионално и доколку уживало углед. Наместо тоа, посочуваат од Хелсиншки, Јавното обвинителство никогаш не реагирало на кршењето на принципот на презумпција на невиност од страна на функционери и медиуми.

Напротив, ОЈО станало еден од најкритикуваните сегменти на правосудтсвото во земјава, добивајќи негативни оценки во сите извештаи на меѓународните институции и во документите на ОН и ЕУ, заради селективната пасивност и особено поради непостапување во предмети со висок степен на политичка корупција.

Можеме да заклучиме, се вели во соопштението, дека станува збор за нова епизода од кампањата против СЈО, бидејќи не е нормално да постои судир на две обвинителства на политичка основа, како што не е нормално на едно обвинителство отворено да му се спротивстават и Основен суд и структури во МВР, стои реакцијата на Хелсиншкиот комитет.