Археолошки истражувања на Трескавец

26.10.2016 16:41

Почнаа археолошки ископувања на трпезарискиот комплекс на Трескавец. Датира од 13 век и е уникатен во Централен Балкан. Ќе прерасне во Музеј на артефакти кои ќе ја раскажуваат историската и духовна приказна на светски познатиот комплекс.

Таму седеле царевите- ктитори на Трескавец. На камените уникатни маси. Архелозите ги почнаа своите ископувања на незаменливата манастирска трпезарија, единствена од таков вид во Централен Балкан. Новите истражувања докажаа- трпезаријата е постара- потекнува од средината на 13-от, а не од 14-от век како што се мислеше досега.

Ова е основа за проектот за реконструкција, санација  и конзервација на трпезаријата, магерницата и помошните манастирски простории за да се зачуваат силната традиција и фактот дека Трескавец бил духовно средиште на овие простори.

Трпезарискиот комплекс ќе стане музеј кој ќе ги чува артефактите од антиката, раното христијанство, уникатните икони што ја рараскажуваат седумвековната манастирска приказна.

Ова е дел од повеќегодишниот комплексен проект за обнова на светски познатиот манастир. Паралелно, ќе се реставрира црквата Успение на пресвета Богородица која е прогласена за културно наследство во опасност, а интензивно се работи на обновата на опожарените конаци.

 

Елизабета Митреска