Драмскиот театар одликуван со Орден за заслуги за Македонија

26.10.2016 16:27

По повод 70 години од основањето и успешното презентирање, промовирање и негување на македонското и светското драмско творештво, претседателот Ѓорге Иванов му го додели признанието „Орден за заслуги за Македонија“.

Реализирани 130 премиери на домашни драмски текстови следени од над 4 милионска публика. Овие стандарди во македонската театарска уметност му го донесоа највисокото државно признание на Драмскиот театар. На свеченоста во вилата Водно, претседателот Иванов рече дека Драмски целосно го оправдал синонимот за простор каде што можеме да ги вклучиме нашите сетила, а театарот како ниту еден друг уметнички медиум нуди топлина, блискост и очовечување.

„Во изминатите седум децении на сцената на Драмскиот театар- Скопје израснаа генерации и генерации кои учеа за етичкото и естетското, кои се спознаваа себеси и светот, го осознаваа и почитуваа животот. Тој процес не смее да запре“, рече претседателот Иванов.

За директорот на Драмски ова признание значи дека оваа институција е исклучително значајна нишка во постоењето, развојот и растежот на нашата татковина.

„Една од најголемите театарски вистини е дека театарот единствено опстојува само од и за доделениот аплауз по завршувањето на претставата. Но, кога валоризацијата на вредноста и значењето доаѓа од името на највисоките државни органи, тоа значи дека театарската куќа ги надминува основните постулати на театарското постоење и добива сосема поинаква смисла за сопстевното битисување“, нагласи Роберт Вељановски,  директор на Драмски театар- Скопје.

Драмскиот театар- Скопје започнува на 21 април 1946 година со првата куклена претстава „Силјан Штркот“ работена според народна приказна. На 10 јануари 1958 година со првата жива претстава „Принцот и просјакот“ од Марк Твен и Сергеј Михалков се создава Младинско-детскиот театар. Во 1967 година го добива името Драмски театар- Скопје.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска