Вработените во администрацијата да не се злоупотребуваат во изборниот процес

26.10.2016 16:39

И министерката за информатичко општество и администација и дополнителниот заменик се против злоупотреби на вработените во изборниот процес. Кирацовски тргна на терен во посета на институциите, да ги охрабри административците да пријават притисоци и закани. Арсовска- Томовска побара сите кои вршат партиски активности во работно време да престанат. Вели- законски е регулирано како се пријавуваат злоупотреби.

Вработените во јавниот сектор да не вршат партиски активности и политичка пропаганда во текот на работното време, да се однесуваат професионално и политички неутрално- порачуваат од Министерството за информатичко општество и администрација. Согласно законот, секоја форма на притисок, закана и уцена е кривично дело и треба да се пријави. По средбите со раководството во неколку институвции од државната и локалната власт во Битола, дополнителниот министер Кирацовски посочи- секој што ќе дрзне ќе одговара и со казна затвор од најмалку три години. Вработените да пријават неправилности и нерегуларности.

Со став дека пријави не може да прибира ниту еден функционер лично и вонинституционално, министерката Арсовска- Томовска бара Јавното обвинителство да каже дали се доставени докази за предизборни притисоци или сторено кривично дело.

Изворот на сите нерегуларности не може истовремено да биде и фактор за нивно решавање- вели Кирацовски. Министерката Арсовска- Томовска потсети, секоја пријава за кривични дела во врска со изборите, задолжително се процесуира до Јавното обвинителство.

 

Сузана Фиданска- Стоевска