Заеднички и координирано против трговијата со луѓе

27.10.2016 13:11

Криумчарењето луѓе се повеќе се јавува како последица на досегашната незаконска миграција. ОБСЕ ќе соработува со балканските земји за да се спречи трговијата со луѓе. Во Македонија, полицијата и војската неделно спречуваат по стотина мигранти кои се обидуваат да минат низ земјава кон богатите држави на ЕУ.

Огромниот мигрантски и бегалски бран ја усложнува ситуацијата. Големото зло распространето низ светот- трговијата со луѓе, е сѐ позачестена. Жртви се најчесто луѓето кои поради војна или економска глад бараат подобри услови за живот. Глобалниот проблем треба да се решава координирано, со заеднички дијалог и размена на искуства.

На конференцијата во Скопје се бараат заеднички начини како да се заштитат и идентификуваат жртвите, но и да се санкционираат сторителите на тој криминален чин. Ќе се потпише декларација со две пораки.

Ова е првиот чекор на соработака на ОБСЕ со балканските земји. Ќе следува симулациска обука што ќе се одржи во Италија.

Посебен акцент, велат од ОБСЕ треба да се стави на заштитата на децата кои сѐ почесто се жртви на трговијата со луѓе.

 

Наташа Гркова- Петрушевска