Од утре почнува јавниот увид во избирачкиот список

27.10.2016 15:08

Утре ДИК треба да го стави на јавен увид избирачкиот список. Тој според најавите треба да трае до 16-ти ноември. Во меѓувреме, пронајдените 30-тина илјади спорни гласачи се уште може да се пријават до Комисијата за гласањето на 11-ти декември. Од утре исто така почнува да тече времето и за собирање потписи за независните пратеници.

Јавниот увид во избирачкиот список почнува од утре и ќе трае до 11-ти ноември. Граѓаните кои сметаат дека не се впишани или се избришани од избирачкиот список или пак ќе побараат дополнување на адресни и лични податоци тоа може да го сторат со писмено барање во подрачните единици на ДИК. Оние кои живеат во странство увид во избирачкиот список може да направат во дипломатско конзуларните претставништва.

Во ДИК прецизираат дека тече и рокот за пријавување за гласање во странство преку електронската апликација на ДИК. До денеска се пријавиле 2.100 лица.

Од утре почнува и собирањето на потписи за предлагање на независни кандидатски листи, а досега како што потенцираат во ДИК имало само едно известување за ваква процедура во втората изборна единица.

За да биде валидна листата на група избирачи мора да се соберат 1.000 потписи на жители во соодветна изборна единица каде што се кандидираат. Собирањето потписи ќе се врши и во амбасадите и конзулатите, а крајниот рок е до 6-ти ноември.

Партиските листи и на независните кандидати треба да се достават до ДИК најдоцна до 11-ти ноември. Според роковникот на ДИК до 31-ви октомври треба да се формираат и и општинските изборни комисии, а до 8-ми ноември и избирачките одбори.

Овие избори ќе чинат 7,5 милиони евра и се најскапи до сега.    

 

Игор Панов