Иванов- Николиќ: Пријателски односи меѓу Македонија и Србија

28.10.2016 14:52

Искрени и пријателски односи, постојан политички дијалог и економска соработка- заеднички став на претседателите на Македонија и на Србија, Ѓорге Иванов и Томислав Николиќ, при посетата на шефот на македонската држава на Белград. Разговараа и за миграцијата, која ги засега двете држави.

Работната посета на претседателот Ѓорѓе Иванов на Србија e по повод одбележувањето на јубилејот „70 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, што во недела ќе се одржи во Панчево. Претседателот Иванов денес ја почна посетата со тет-а-тет средба со домаќинот, српскиот претседател Томислав Николиќ.

Искрени пријателски односи и континуирани политички дијалог и соработка. Ова е генералниот заклучок од средбата на претседателите на Македонија и Србија, Иванов и Николиќ во Белград. Сепак, во изјавите потоа, најмногу внимание посветија на заедничкиот предизвик- мигрантската криза.

„Неопходна е соработка на полето на безбедноста да се затворат сите илегални премини што мигрантите ги користат.Затоа ни потребна соработка на сите безбедносни структири во регионот“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.

„Нашите две земји не се одговорни за мигрантскиот бран кон западна европа. Ние не можеме ниту да го запреме ниту да го ублажиме. На потег е ЕУ која и ма и механизми и пари“, рече претседателот на Србија, Томислав Николиќ.

Двајцата претеседатели го отвориле и прашањето за склучување на билатерален договор за заштита и користење на културно-историските споменици и обележја на териториите на двете држави, но не посочија дали ова ќе го реши проблемот што Македонија не може да го одбележи 2-ри август во „Прохор Пчински“. Николиќ подиректен за друго прашање.

„Го замолив мојот пријател претседателот Иванов да Македонија принципелно ја подржи Србија со гласање против членството на Косово во УНЕСКО“, рече Николиќ.

„По изборите на 11-ти декември ќе имаме нова Влада, која ќе ги согледа државните интереси на Македонија и сходно на тоа се надевам дека таа одлука ќе биде во интерес на сите“, додаде Иванов.

И Иванов и Николиќ со заклучок дека проектот за изградба на каналот Дунав- Морава- Вардар е во интерес на двете држави, за развој на целиот регион.

Претседателот Иванов се сретна и со премиерот Александар Вучиќ, при што разговарале за можностите за продлабочување на билатералната и регионалната соработка, како и за актуелните предизвици во регионот.

Во рамки на посета попладнево ќе се одржи Македонско- српски бизнис форум на кој ќе се обратат претседателот Иванов и претседателот Николиќ, како и претседателите на Стопанските комори на Македонија и на Србија.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ