Министерката Канческа-Милевска на распит за случајот „Тендери“
Министерката Канческа-Милевска се појави пред судија на претходна постапка за случајот „Тендери“, истражна активност на Специјалното јавно обвинителство. Ова е политички театар во сценарио на СДСМ, изјави Канческа- Милевска.

Повеќе од два часа во скопскиот Кривичен суд министерката за култура Елизабета Канческа Милевска даваше исказ кај судија на претходна постапка. Ова е политички театар на СДСМ кој го спроведува СЈО. Вака, по завршениот распит, министерката ја оквалификува последната истрага на специјалното обвинителство во која заедно со уште тројца колеги се сомничат за местење на тендери.
„Сакам да истакнам дека ова е чист политички театар организиран од страна на СДСМ, каде СЈО се вклучува во ова политичко дејствување, се со цел да даде силна поддршка на СДСМ во овој период до изборите на 11-ти декември“, рече министерката Елизабета Канческа- Милевска.
Министерката кратко одговори дека се што треба веќе кажала на прес конференција и дека за време на сослушувањето од страна на судот не и биле предочени доказите со кои располага специјалното обвинителство, кое во овој случај го застапува обвинителката Фатиме Фетаи.
По распитот на министерката, кај судијата на претходна постапка беше повикан уште еден осомничен. Истрагата на специјалното обвинителство покажала злоупотреба на законот за јавни набавки. Како што при објавување на случајот објасни обвинителката Фатиме Фетаи, вработени од министерството склучиле незаконски договор со градежната фирма „Бетон“ која го добила тендерот за дополнителни градежни активности на Музејот на македонската борба, а државниот Буџет бил оштетен за милион евра.
Поради постоење на околности кои упатуваат на опасност од бегство, СЈО за двајца од осомничените во случајот „Тендери“ побара од судот да им ги одземе пасошите како и да определи мерка на претпазливост – осомничените секој вторник да се јавуваат во Кривичниот суд.
Анита Димитријевска
