МОСТ ќе ги следи изборите со 3.300 набљудувачи

28.10.2016 15:17

МОСТ со 3.300 набљудувачи, најмногу досега, ќе ги следи предвремените парламентарни избори годинава. Граѓанската асоцијација го почна процесот, веќе се распоредени 80 набљудувачи во сите општини, кои ги следат активностите на партиите, на државните институции и на изборните органи.

Во предизборието Граѓанската асоцијација МОСТ распореди 80 набљудувачи за следење на активностите на партиите, на државните институции и на изборните органи. За време на изборите, пак, ќе бидат вклучени 3.300 набљудувачи, вели првиот човек на асоцијацијата, Дарко Алексов. Најави дека согласно нивната динамика за известување на јавноста, податоците и нивната обработка, верификација и аргументација ќе ги споделат со јавноста.

Во врска со можните импликации поради нерешавањето на прашањето со гласачите во шестата изборна единица, Алексов смета дека таму во овој момент постои ситуација на нееднаквост на вредноста на гласот. Алексов истакна дека и во минатото МОСТ тоа и го укажувал на единствената институција која може да ги прекрои изборните единици, а тоа е Собранието.

Од МОСТ информираат дека граѓаните можат да пријават какви било нерегуларности на бесплатната телефонска линија 080 080 080. Беше промовирано видеото „Твојот глас е само твое право“, дел од кампањата за промовирање на заштитата на избирачкото право, слободата и тајноста на гласањето.

 

Фиљана Кока