ДИК го стави на увид избирачкиот список, ќе се прави дополнителен попис на изборниот материјал

28.10.2016 16:50

Државната изборна комисија го стави на увид избирачкиот список. Граѓаните можат да ги проверат своите податоци до 11-ти ноември, по што истиот ќе биде заклучен. ДИК има полни раце работа, ќе се прави дополнителен попис на изборниот материјал, откако се утврди дека недостигаат 40 печати од избирачки места. ДИК, исчезнатите печати ќе ги замени со нови.

Државната изборна комисија ќе прави дополнителен попис на изборниот материјал за избирачките места што се чува во магацин во касарната Илинден. Засега сѐ уште не е познато кој ќе ја сочинува комисијата, дали ќе биде составена од членовите на ДИК или пак, ќе бидат вклучени и други лица. Нема конкретен одговор и во кој рок би се направил новиот попис. Ваквиот заклучок произлезе по синоќешната седница на ДИК на која според извештајот на пописната комисија недостигале 40 печати од избирачки места од Сопиште, Липково, Брвеница и од Бутел. Според членот на Комисијата Игор Милев, во изминатите 8 години воопшто не бил направен попис на материјалот. Дали претходно пописната комисија имала увид каков материјал и во колкав обем бил складиран во магацинот, праша Сашо Срцев.

„Нема изборен материјал, ниту од 2008-ма, ниту од 2009-та година, ниту од 2011-та каде што ВМРО-ДПМНЕ славеше огромни победи. Ноторен факт е дека за прв пат се прави во ДИК некаков попис“, изјави Игор Милев, член на ДИК.

„Во извештајот стои дека фалат печати и дека како дошла комисијата до констатација, до заклучок колку печати фалат, ако нема претходно бројка колку печати имало“, рече Сашо Срцев, член на ДИК.

Пописната комисија заклучила дека во депото се чувале гласачките ливчиња од претседателските и предвремените парламентарни избори во 2013-та и 2014-та година.

„Дали комисијата не напишала, а го направила она што морала да го направи за да констатира, дали ги видела сигурносните ленти на вреќите, дали ги споредила броевите дали се отворени или не, за да констатира дека тој изборен материјал се наоѓа таму“, изјави Силвана Бонева, член на ДИК.

Генералниот секретар на ДИК, Јанчев тврдеше дека ниту еден од печатите на комисијата од избирачките места во Бутел по последните избори, воопшто не биле однесени во магацинот во касарната Илинден.

„Што се однесува до исказите дека фалат сите печати од општина Бутел, но тука се заборава да се каже дека тие печати воопшто не се влезени во касарната, не се дојдени. Истото тоа ви го кажав на претходниот состанок и сум должен уште еднаш да кажам- тие печати воопшто, никогаш не биле дел од пописот на ДИК“, рече Добре Јанчев, генерален секретар на ДИК.

Од денеска во наредните 15 дена, односно до 11-ти ноември на увид ќе биде ставен избирачкиот список. Во овој период може да се пријават и 30.447 граѓани со спорни записи, кои по последната теренска и вкрстена проверка не беа запишани во списокот.

Според роковникот, во тек е и електронското пријавување за гласање на иселениците. Тече и 10-дневниот рок за собирање потписи за независни кандидати за пратеници.

 

Милчо Велески