Случај „Трезор“: Екс директорот на УБК на распит
Во скопскиот Кривичен суд распит кај судија на претходна постапка на осомничените во случајот „Трезор“. Специјалното јавно обвинителство отвори истрага против тројца вработени во УБК и еден во МВР, под сомнение за проневера на над 850 илјади евра за набавка на опрема од странство за потребите на Петтата управа.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков помина два часа на распит кај судија на претходна постапка. Осомничен е во случајот „Трезор“. Дали дал исказ пред судијата не е познато. Тој си замина по распитот преку службениот излез на судот во присуство на бранителот Никола Додевски. Специјалното обвинителство коешто ја води истрагата, за Мијалков и за уште двајца соработници од МВР побара мерки за претпазливост и привремено замрзнување на имотот на осомничените. И останатите двајца осомничени денеска беа повикани на распит и сослушани.
Случајот „Трезор“ откри тројца раководители во УБК, и нивен колега од МВР дека го оштетиле Буџетот за 860 илјади евра. Незаконски и овозможиле на фирмата „Финзи“ да заработи со купување на опремаза следење на комуникациите од британска компанија.
Договорот за набавка, како што објавија од СЈО, бил склучен во ноември 2010-тата. Наредните две години договорот бил надграден со два анекси меѓу МВР и фирмата „Финзи“. Според СЈО постои сомнение дека опремата била нефункционална и со целосно истечен рок на лиценците.
Анита Димитријевска
