Судија тужи судија

03.11.2016 15:38

Судијата Џолев во писмената изјава до медиумите, посочи дека се работи за судија на Кривичниот суд- Основен суд Скопје 1. Во јавноста се огласи и првиот човек на Кривичниот суд, Панчевски, наведувајќи дека не памети дека вршел притисоци.

Стигна кривичната пријава од судијата Иван Џолев во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, потврдија од Јавното обвинителство. Оттаму не сакаа да споделат информации дали судијата ја поднесува пријавата во врска со кривично дело поврзано со влијанија врз судија за да преземе одделни незаконити дејствија, ниту против кого е поднесена. Вака оскудната потврда е, велат за МТВ од Обвинителството, во интерес на истрагата и за заштита на правото на презумпција на невиност.

Судијата Џолев во писмената изјава до медиумите, посочи дека се работи за судија на Кривичниот суд- Основен суд Скопје 1. Во јавноста се огласи и првиот човек на Кривичниот суд, Панчевски, наведувајќи дека не памети дека вршел притисоци. Претседателот на скопска единица смета, како што вели, дека ако вршел притисоци, требало да биде пријавен кај повисок суд, во Судскиот совет или во Комисијата за утврдување факти. До Судскиот совет до сега не пристигнала ниту поплака ниту преставка за притисоци или влијанија врз судија.

Судијата Џолев во писменото обраќање до јавноста потенцира дека настапува и како граѓанин, но и како судија на Кривичниот суд кој се залага за владеење на правото и правната држава. Изрази верба во Јавното обвинителство оти сериозно ќе ја разгледа кривичната пријава и во најбрз можен рок ќе преземе процесни дејствија во врска со неа. Џолев смета дека овој преседан, односно исклучок само ќе потврди дека судиите во овој суд судат согласно законите и се залагаат за владеење на правото.

 

Фиљана Кока