ОБСЕ/ ОДИХР ќе ги следи изборите со 334 набљудувачи

03.11.2016 17:04

ОБСЕ/ ОДИХР денеска официјално ја почна својата мисија за предвремените парламентарни избори во Македонија, закажани за 11-ти декември. Ќе има 300 краткорочни набљудувачи. Мисијата ја предводи Тана Де Зулуета и веќе имаа средби во македонското министерство за надворешни работи и Државната изборна комисија.

Вонредните парламентарни избори закажани за 11-ти декември ќе ги мониторираат 14 експерти од набљудувачката мисија на ОБСЕ, 20 долгорочни, кои ќе бидат распоредени низ целата земја од 9-ти ноември и 300 краткорочни монитори кои се очекува да пристигнат една недела пред изборите. Главна цел на мисијата на ОБСЕ како што потенцира Тана Де Зулуета, шефицата на мисијата, е да се набљудуваат предизборните дејствија на локалните и државните власти, текот на кампањата и мониторирањето на денот на изборите во однос на гласањето, како и пребројувањето на гласовите и сумирањето на резултатите од гласањето.

Прелиминарниот извештај со оценка на изборниот процес ќе биде објавен ден по изборите на 12-ти декември, додека конечниот се очекува за месец и половина подоцна.

Од ОБСЕ очекуваат набљудувачи и од Парламентарното собрание на ОБСЕ и на Советот на Европа кои со здружени сили ќе го мониторираат целиот тек на изборниот процес. Како дел од мониторингот ќе биде и квалитативното и квантитативното известување на медиумите за изборната кампања и на денот на изборите.    

 

Игор Панов