Беспрекорно спроведени избори за условена препорака

04.11.2016 15:35

Македонија очекува да ја задржи условената препорака за почнување на преговорите со Европската унија. Брисел ќе го објави извештајот за напредокот на 9-ти ноември. Изборите клучни за евроинтеграциите.

Беспрекорно спроведени избори за условена препорака за земјава. Ова го очекува  вицепремиерот за евроинтеграции, Арбр Адеми. На брифинг со новинарите првиот човек на Секретаријатот за европски прашања потенцираше дека не мисли оти препораката ќе биде одземена и оти Европската комисија во официјалниот документ ќе ги нотира сите сработени и несработени задачи.

Адеми очекува во делот на политичките критериуми да има забелешки, особено во областите кои се опфатени со итните реформски приоритети. Во овој правец во наредниот период, нагласи, фокусот треба уште повеќе да се стави на имплементација на предвиденото. Вицепремиерот рече дека голем дел од барањата на Прибе се исполнети и затоа очекува во тој дел Македонија да биде пофалена.

Посочи дека во услови на политичка криза во која се наоѓаме повеќе од година ипол, во услови на неизвесност околу одржување на изборите кои два пати беа одложувани, во услови на несигурна работа на Собранието и останатите институции, не можеле да се спроведат подлабоки реформи за кои е потребен широк политички и општествен дијалог, а за некои и поширок консензус.

На новинарските прашања за можноста за одземање на препораката доколку изборите не поминат добро, Адеми посочи дека верува оти сите политички и општествени чинители во наредниот период ќе се однесуваат одговорно бидејќи се свесни за важноста на овие избори за иднината на земјата.

 

Катерина Топалова