Се очекува продлабочување на стратегиското партнерство со САД

09.11.2016 12:25

Поддршката на САД кон Македонија останува иста и нема да се промени, изјави американскиот амбасадор Џес Бејли по резултатите од претседателските избори во САД. Македонските политичари очекуваат продлабочување на стратегиското партнерство...

Македонија е стратегиски партнер на Соединетите Американски Држави веќе 25 години и по победата на републиканецот Доналд Трамп ништо не се менува во однос на позициите на Вашингтон кон Скопје. Поддршката нема да се промени, изјави во говор првиот дипломат во земјава Бејли, откако Трамп освои над 270 изборни гласови, доволно за победа на изборите.

„Ние немаме афинитет кон некоја партија. Предизвиците нема да се сменат од 8-ми до 9-ти ноември, ниту пак нашите долготрајни парнерства и интереси. САД ѝ се партнери на Република Македонија веќе 25 години во кои имаше четири различни американски администрации. Ние сме посветени за успехот на Република Македонија“, изјави американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли.

Најважно е што и Македонија и САД работат на просперитетот на идните генерации рече Бејли, којшто бил и во републиканската, а сега во демократската админстрација.

Добрите односи меѓу Македонија и САД ќе се развиваат во истиот правец и по 11-ти декемри, рече Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонија и САД имаат добри односи кои се базираат на взаемна почит и кои траат повеќе децении, без разлика која и да била администрацијата во САД, дали демократска или републиканска, и без разлика на тоа коква била владата или гарнитурата во Република Македонија“, изјави Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Сега е важно кој ќе биде државен секретар и како ќе биде дефинирана надворешната политика на САД, изјави потпретседателката на СДСМ, Шеќеринска. Трамп е изненадување, САД немаат по првпат жена за претседател, дополни.

„Трамп ќе биде различен претседател, кој најверојатно ќе внесе голем дел од своите лични заложби, и затоа е прерано да се процени. Многу е важно кој ќе биде државниот секретар и мислам дека тоа ќе испрати порака каква надворешна политика ќе имаат САД“, смета Радмила Шеќеринска, потпретседателка на СДСМ.

И за ДУИ, традиционално пријателските врски со Вашингтон продолжуваат и ќе се продлабочуваат. САД и Македонија се партнери и сојузници, вели Груби.

„Убеден сум дека надворешната политика на најмоќната демократија на светот нема да се проимени кон Балканот и секако не спрема Македонија. Ние ќе останеме силни пријатели и заедно ќе чекориме кон НАТО и ЕУ“, вели Артан Груби од ДУИ.

Двете држави веќе 25 години ги одржуваат одличните дипломатски релации. Во 2008-та е потпишан и билатералниот договор за стратегиско партнерство, кое Вашингтон го имаше парафирано дотогаш единствено со Израел и Јапонија. САД досега преку УСАИД имаат инвестирано над милијарда долари во земјава.

 

Зоран Богатинов