Жбогар: Да се искористи можноста препораката да биде безусловна

09.11.2016 16:19

ЕУ ја услови Македонија со спроведување на Пржинскиот договор, предвремените парламентарни избори и идните реформски приоритети. Евроамбасадорот Самуел Жбогар по објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во изминатата година, посочи дека владата што треба да биде формирана по изборите на 11-ти декември, треба да ја искористи оваа можност и овој извештај да го претвори во безусловен.

Задржувањето на препораката за преговорите е добрата работа, но извештајот во целина содржи многу критики за состојбата во земјата и за продолжената политичка криза, најголема од 2001-ва, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар по неговото објваување во Брисел. Според амбасадорот, политичката криза ги подвлекува предизвиците со кои се соочува земјата и Европската комисија е незадоволна од реформите што се спроведуваат во судството, борбата против корупцијата, организираниот криминал, а силни тонови се уптауваат и за поддршката на Специјалното јавно обвинителство.

„Има позитивно признание за улогата на специјалниот обвинител. Неговата канцеларија е воспоставена и има проактивна улога за истражување на случаите кои произлегоа од прислушуваните материјали. Специјалното обвинителство е дел од политичкиот договор и треба да продолжат напорите да има правна разрешеница. Парламентот, пак, мора да ја утврди политичка одговорност за прислушуваните материјали и за нивната содржина“, изјави Жбогар.

Препораки има и за што поскоро ослободување на институциите до влијанието на владата. А се критикува состојбата во медиумите поради загрозената слобода и прогонувањето на новнарите. Земјата е недоволно подготвена со реформите во јавната администрација. Се нотираат неефикасни нивоа на одговорност, употреба на јавниот сектор како политички инструмент и се изразува загриженост за тврдењата за притисоци врз него во изборна година и за политизација на јавниот сектор и наводите за политизирање на администрацијата.

„Кризата трае премногу долго. Државните институции треба да ја вратат својата кредибилност, а ЕУ е подготвена да ве поддржи во трансформирањето на вашата земја во она што таа заслужува и сака да биде- демократско, динамично и просперитетно место што може да им понуди на своите граѓани стабилност и подобри перспективи за во иднина“, нагласи Жбогар.

Жбогар посочи дека граѓанските организации и натаму изразуваат загриженост за влошувањето на климата во која дејствуваат и ограниченоста на владата за дијалог и исто така за јавните напади од страна на политичари и провладини медиуми. Владата што треба да биде формирана по изборите на 11-ти декември, рече Жбогар, треба да ја искористи оваа можност и овој извештај да го претвори во безусловен.

 

Фиљана Кока