Пендаровски-Мета: Регионална соработка за надминување на кризата од КОВИД-19
За време на разговорот двајцата претседатели размениле информации за актуелните состојби во двете држави, во контекст на справувањето со последиците од ширењето на КОВИД-19.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, остварил телефонски разговор со претседателот на Република Албанија, Илир Мета.
За време на разговорот двајцата претседатели размениле информации за актуелните состојби во двете држави, во контекст на справувањето со последиците од ширењето на КОВИД-19.
Претседателот Пендаровски информираше за мерките што надлежните институции во земјава ги преземаат во справувањето со епидемијата и проценките за натамошниот развој на ситуацијата. Претседателот истакна дека фокусот на државите, покрај на справувањето со последиците на здравствен план, треба да биде насочен и кон справувањето со последиците на економски и социјален план – информираат од кабинетот на шефот на државата.
Имајќи ја предвид неодамнешната потврда на земјите-членки на Европската Унија за подготвеноста на Северна Македонија и Албанија за почеток на пристапните преговори за членство, а по откажувањето на Самитот на лидерите на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан кој требаше да се одржи на 7 мај во Загреб поради состојбата со ширењето на КОВИД-19, претседателот Пендаровски изразил очекување дека Европската Унија ќе успее да изнајде модалитети за придвижување на процесот, во интерес на двете држави и на самата унија.
Пендаровски и Мета изразиле подготвеност за размена на искуства, координација и поддршка онаму каде што е потребно, во духот на солидарноста и регионалната соработка за справвување со епидемијата, како и за надминување на здравствената и социо-економска криза предизвикана од КОВИД-19.
Претседателот Мета упати честитка до претседателот Пендаровски и до сите граѓани за влезот во НАТО.
