Во шест градови во земјава нема повеќе активни случаи со Ковид-19

02.05.2020 11:34

Во Дебар, Радовиш, Гевгелија, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар нема повеќе активни случаи со Ковид-19. Полека ја добиваме битката со вирусот. Но, да не заборавиме дека сите мерки мора да продолжат да се почитуваат- вели министерот за здравство, Венко Филипче...

Согласно последниот, вчерашен извештај на Институтот за јавно здравје во шест градови во земјава, во Дебар, Радовиш, Гевгелија, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар нема повеќе активни случаи со Ковид-19, информира Министерството за здравство.

„Полека ја добиваме битката со вирусот. Но, да не заборавиме дека сите мерки мора да продолжат да се почитуваат. Да бидеме доследни и одговорни до крај“, напиша на својот Фејсбук профил министерот за здравство, Венко Филипче.

Од почетокот на епидемијата, во Дебар беше регистриран 51 случај, досега 4 лица починаа, а 47 се оздравени.

Во Радовиш и Гевгелија беа регистрирани по 4 случаи, во Струмица два, во Пробиштип два, а во Демир Хисар еден позитивен случај на коронавирусот. Во овие градови не се регистрирани смртни случаи од Ковид-19, а сите евидентирани Ковид позитивни се оздравени.