Од компликации од коронавирус почина Драган Вучиќ
Драган Вучиќ бил хоспитализиран пред осум дена откако состојбата му се влошила и од тогаш е лекуван на одделението за интензивна нега...

Познатиот музичар и ТВ-водител Драган Вучиќ (65) почина утрово од компликации со Ковид-19, потврди министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил. Вучиќ се лекувал на Инфективната клиника во Скопје, а имал проблеми со дијабетес подолго време. Веста за неговата смрт за некои медиуми ја потврди и неговиот син, Мартин Вучиќ.
Драган Вучиќ бил хоспитализиран пред осум дена откако состојбата му се влошила и од тогаш е лекуван на одделението за интензивна нега.
И покрај сите напори на лекарите и целиот стручен тим, Вучиќ со многу тежок наод на белите дробови, за жал, му подлегнал на вирусот. Упатувам искрено сочуство до семејството и блиските- соопшти министерот Филипче.
Драган Вучиќ е роден во 1955 година. Беше пејач, автор на популарни поп-песни, „Свирете ја Зајди, зајди“, „Ангели ме носат“, „Кажи ѕвездо“. Беше автор и на евровизиската песна „Make My Day“, на неговиот син Мартин Вучиќ во 2005-та. Во ‘90-те беше пејач на групата „Кода“. Вучиќ беше автор и водител на популарни квизови и ТВ-емисии.
