Царовска: Се засилува соработката на инспекторатите со граѓанските организации

06.05.2020 14:55

Царовска ги повика инспекторите на засилени контроли и одговорно постапување за сите преставки коишто стигнуваат до нив, а се однесуваат на кршење на Владините мерки и препораки кои изминатиот период беа донесени со цел да се заштити населението од ширењето на корона вирусот.

Заменичката на престедателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, денес  одржаа координативен состанок со директорите на трудовиот и транспортниот инспекторат Алајдин Хавзиу и Руфат Хусеини, претседателката на Советот на инспектори Магдалена Филиповска Грашкоска и со преставници на Сојузот на синдикати на Македонија, „Гласен текстилец“, „Хелсиншки комитет“, „ХЕРА“, „ФООМ“, „Платформата за борба против сиромаштија“, „Мрежата против насилство врз жените“ и УНДП.

На состанокот преку апликацијата „ZOOM“ се дискутираше за спроведувањето на мерките и препораките на Владата во делот на заштита на работничките права, инспекциските надзори, почитувањето на протоколите од страна на работниците и компаниите и можностите за користење на државна помош во случај на губење на работа. Исто така, беше најавена зголемена директна соработка помеѓу граѓанските организации и инспекторатите во пријавувањето на случаи на прекршување на работничките и граѓанските права.

Вицепремиерката Царовска истакна дека Владата вложува максимални напори да направи баланс во заштитата на работниците и бизнисот, односно никој да не е губитник во оваа криза.

Царовска ги повика инспекторите на засилени контроли и одговорно постапување за сите преставки коишто стигнуваат до нив, а се однесуваат на кршење на Владините мерки и препораки кои изминатиот период беа донесени со цел да се заштити населението од ширењето на корона вирусот.

Координацијата помеѓу инспекторатите, граѓанските организации и Владата ќе продолжи и во наредниот период, се со цел да се обезбедат две основни функции, заштита на правата на граѓаните и целосно почитување на донесените Владини одлуки.