Денеска ќе се знае дали ќе има олеснување на мерките
Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во државава од почетокот на епидемијата, досега, изнесува 1.642, бројката на оздравени пациенти е 1.136, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 415...

Комисијата за заразни болести денеска ќе достави нови препораки до Владата за натамошно постапување во однос на воведените мерки за заштита од ширење на коронавирусот и според тоа, ќе се знае дали ќе има нивно олеснување.
Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во државава од почетокот на епидемијата, досега, изнесува 1.642, бројката на оздравени пациенти е 1.136, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 415.
Од Министерството за здравство апелираат граѓаните доследно да се придржуваат до мерките, да ја почитуваат забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку два метра и задолжително да се носи заштитна опрема за лице во случај кога просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното.
Министерот за здравство, Венко Филипче на последната прес-конференција рече дека резултатите од тестирањата за Ковид-19 ќе ги анализираат на состаноците и на Комисијата за заразни болести и на централниот штаб на Владата, по што ќе се знае како точно ќе се димензионираат натамошните мерки и кои дејности прво ќе почнат да функционираат со цел постепено отворање на економијата.
