Кризниот штаб ќе расправа за натамошниот тек на рестриктивните мерки
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во државава од почетокот на епидемијата достигна 1.792, откако во изминатото деноноќие беа регистрирани 30 нови случаи...

За натамошниот тек на рестриктивните мерки ќе се разговара денеска на состанок на главниот кризен штаб и нивното олабавување и нормализирањето на состојбата ќе зависи од развојот на ширење на инфекцијата. Одлуките како и досега ќе се носат врз основа на мислењата на стручните луѓе односно епидемиолозите од Комисијата за заразни болести, изјави вчера премиерот Оливер Спасовски.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во државава од почетокот на епидемијата достигна 1.792, откако во изминатото деноноќие беа регистрирани 30 нови случаи од 426 направени тестирања. Оздравени се 26 пациенти, додека три лица починаа на Клиниката за инфективни болести во Скопје.Од бројот на новозаразени ќе зависи натамошното олабавување на рестриктивните мерки.
Најважно е, рече Спасовски, не само да ги вратиме мерките, туку и да ја одржиме состојбата на ова ниво што го имаме денеска, а тоа е стабилна здравствена состојба во која здравствениот систем ќе може да одговори на состојбите пред нас.
Прашан дали ќе има целодневно ограничено движење за празникот Рамазан Бајрам, премиерот повтори дека за сите мерки се слуша мислењето на Комисијата и оти врз основа на тоа се носат одлуките без разлика за кој ден станува збор.
Но, со оглед на фактот дека имаме двоен празник на 24 Мај, тоа заслужува внимание да се разговара и на главниот кризен штаб и да се разговара на седница на Влада. Но, како и да е, одлуките ги носиме на база на мислењата на стручните луѓе и какви ќе бидат доставени, ќе носиме соодветни одлуки и ќе ја информираме јавноста, додаде Спасовски.
