Филипче: Можни се карантински мерки во општините каде расте бројот на заразени
Комисијата за заразни болести ќе ги прати бројките во следните денови и од почеток на следната недела ќе донесе одлука. Воведувањето на карантинот би било пон примерот на Дебар...
Општините во кои расте бројот на заразени со Ковид-19, како Сарај, Чаир, Бутел, Гази Баба и Аеродром, можно е да бидат ставени во карантин, најави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес- конференција. Најави дека Комисијата за заразни болести ќе ги прати бројките во следните денови и од почеток на следната недела ќе донесе одлука.
Филипче појасни дека воведувањето на карантинот би било пон примерот на Дебар, односно ограничување на движење во одреден дел од градот и земјата.
„Епидемиолошките анализи укажуваат на тоа дека мерките едноставно не се почитуваат. Мора да се почитуваат мерките за да се вратиме во нормала, секаде во светот е така, не може вечно да живееме со затворени граници. Огромна одговорност сега паѓа врз граѓаните и институциите кои треба да контролираат и сакнционираат“, нагласи министерот Филипче.
Според Филипче, зголемениот број на случаи заразени со Ковид-19 е варијација и засега не се смета дека ќе има тренд на зголемување на бројот, затоа што станува збор за познати контакти на заболени. Појасни дека затоа сè уште нема одлука за воведување карантин во некои општини.
