Битола

Со есеј по англиски јазик до школување во Вашингтон

02.06.2020 12:45

Есејот по англиски кој беше првонаграден на државното првенство на битолската средношколка Емилија Крстевска ѝ овозможи од септември да се школува во Вашингтон. Вели дека се надевала на наградата, но не очекувала есејот да ѝ го отвори патот за образование во Америка …

Септември наместо во средното општинско училиште „Таки Даскалот“, Емилија Крстевска образованието ќе го продолжи во Вашингтон. Еден есеј не знаеш каде ќе те однесе. Вели дека државната награда можеби ја очекувала, но не и дека со есејот на англиски јазик на темата „Волонтирање“ ќе ѝ се отвори патот за образование во Америка. Пресреќна е што доби едногодишна стипендија и писмо лично од американската амбасадорка во земјава.

Таа вели дека покажала и високо знаење и на другите поставени задачи, потребни за добивање на стипендијата. Ваквата можност е гордост и за самата професорка по англиски јазик, и за раководството на училиштето. На Емилија ѝ предвидуваат високи образовни достигнувања.

Тоа на некој начин е и втората мисија на младата битолчанка. Стекнатото знаење и искуство да го пренесе тука. Инаку, од ова средно училиште велат дека уште неколку ученици од различни отсеци на сличен начин се школуваат низ европските земји.

Стевче Митревски