Куманово

Нема протокол за гласање за лицата со попреченост

02.06.2020 12:48

Кумановското здружение „Инклузива“ прашува кој ја гарантира безбедноста на лицата со попреченост и набљудувачите, на денот на гласањето, кога надлежните сè уште немаат изготвено протокол. Од ова здружение велат, поради страв од актуелната состојба, постои можност овие лица, но и нивните семејства воопшто да не излезат на гласање...

Се зборува за датум за вонредните парламентарни избори, но сè уште не е изготвен протокол за гласање за лицата со попреченост и набљудувачите. Ќе бидат ли овие лица повторно заборавени, прашуваат од здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово, кое работи на проект на изборното право и правото на глас на лицата со попреченост. Оттаму укажуваат дека барем засега никој од надлежните не ја гарантира безбедноста на овие лица, но и на набљудувачите со попреченост.

„На гласач на кој му е потребен придружник како ќе излезе на гласачкото место и кој ќе биде придружникот, ако нема свој придружник. Кој ја гарантира безбедноста, ние понатаму имаме обука за набљудувачи, истото прашање е и за набљудувачите со попреченост, бидејќи на терен ќе се распоредени од нашата страна над 90 набљудувачи со попреченост, треба некој да гарантира за безбедност на нивното здравје и безбедност од заразување на гласачкото место“, вели претседателката на Здружението „Инклузива“ од Куманово, Благица Димитровска.

Од кумановското здружение укажуваат дека со дел од лицата со попреченост не може да се воспостави физичка оддалеченост, со оглед на фактот дека е неопходен контакт со допир. Со нив најчесто работат личните асистенти, кои им помагаат при хранење, одржување лична хигиена и слично. Досега во ниту еден протокол не е објаснето како да се работи со овие луѓе и каква заштита треба да се користи во нивна близина. Од Здружението Инклузива посочуваат дека поради страв од актуелната состојба, постои можност на претстојните избори да се намали бројот на гласачи со попреченост, но и набљудувачи, бидејќи дел од нив размислуваат воопшто да не излезат на гласање.

Елена Георгиевска