Од Ковид-19 почина првиот медиумски работник во земјава

02.06.2020 14:31

Од коронавирус почина првиот медиумски работник во земјава. 44- годишниот продуцент на ТВ Спектра, од село Лабуништа по кратко боледување му подлегна на вирусот. Во Лабуништа од почетокот на панедемијата починаа 16 лица, смртноста е голема поради тоа што жителите одбиваат да се тестираат...

Почина првиот медумски работник во земјава. 44 годишниот Беким Бајрамоски, продуцент во ТВ Спектра од струшко Лабуништа, вчера ја загуби битката со коронавирусот.

Бидејќи бил лице со хендикеп, месец и половина работел од дома. Не се знае како се заразил, но состојбата му се влошила, по што една недела бил хоспитализиран во Скопје. Семејството му е во изолација ќе се тестираат, доколку имаат симптоми.

„Сите оние што покажуваат симптоми на Ковид- 19 ќе бидат тестирани, оние кои не покажуваат не можат да бидат тестирани, барем засега се така протоколите и процедурите. Сите контакти кои се посочени од позитивното лице се во изолација“, вели Сашо Точков, директор на Центарот за јавно здравје- Охрид.

Денес уште една жртва на коронавирус од село Лабуништа, почина жена на 56- годишна возраст. Главниот проблем е тоа што жителите одбиваат да се тестираат и стравуваат да се лекуваат. Симптомите ги кријат. Често пати медицинските тимови бараат полициска асистенција.

„Селаните од тие населени места не соработуваат, се плашат. Иаме најразлични случаи кои што ги криеле симптомите, кои не сакаат да покажат дека имаат симптоми, се срамат од соседите, од пријателите. Тоа е навистина неприфатливо и неодговорно“, вели Точков.

Моментално во Лабуништа има еден активен случај на коронавирус, а од почетокот на пандемијата од вкупно дваесет починати во струшко, дури 16 се од село Лабуништа. Лекарите апелираат до жителите навреме да ги пријавуваат симптомите, бидејќи само на тој начин ќе може да се справат со вирусот.

Соња Рилковска