Штип не е во карантин, почна скринингот на текстилните работници
Почна масовното тестирање на текстилните работници во петте штипски конфекции, кои се затворени до понеделник. Денеска се планира да бидат земени речиси 200-те брисеви. Комисијата за заразни болести засега без препорака за воведување рестриктивни мерки во општината...

Почна скринингот на над 500 вработени во пет текстилни компании во Штип. Денес Центарот за јавно здравје, со помош на колегите од Кочани зема примероци од 200 лица, од кои 120 се од вработени во конфекциите.
Додека трае скринингот, вработените во текстилните компании немаат решение за изолација, но заради колективното здравје задолжени се да бидат изолирани сѐ до добивањето на резултатите, велат од Комисијата за заразни заболувања. Од почитувањето на оваа мерка во голема мера зависи дали ќе се шири коронавирусот во Штип.
Се потврди дека превозот на работниците е слаба точка на која со месеци укажуваат од невладината „Гласен текстилец“.
Затворањето на текстилните компании заради ширење на Ковид- 19 не треба да ги остави без дневници вработените, сметаат од Сојузот на синдикатите на Македонија. Бараат да се почитуваат работничките права, работодавачите да обезбедат безбеден транспорт на вработените, а инспекторатите навремено да реагираат на секое непочитување на мерките.
Славица Величковска
