Мицкоски: Прво заштита на здравјето на граѓаните, па избори
Прво заштита на здравјето на граѓаните од коронавирусот, а потоа на првиот слободен термин да се оди на избори, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Потврди дека каналот за комуникација со власта е прекинат. За социјалдемократите брзи избори се неопходни, за да имаме функционален парламент и институции...
Заштитата на здравјето на граѓаните е приоритет, па потоа во првиот можен термин, избори, категоричен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. По последниот пик и зголемениот број на починати и заразени, во партијата не размислуваат за датум. Мицкоски потврди дека е прекинат каналот на комуникација со СДСМ. За вчерашната најава на лидерот на СДСМ дека гласањето ќе биде на 5-ти јули, лидерот на опозициската партија рече дека на точката на Зоран Заев, тој додава уште две точки за, како што наведува, реченицата да продолжи.
Од СДСМ велат дека нашата држава трпи големи последици, бидејќи е без функционален парламент и институции. Влегуваме во зоната на критични рокови што многу лесно може да се случи да немаме избори во редовниот термин во декември, вели портпаролот Костадинов.
Социјалдемократите признаваат дека одржување на избори во ваков период е предизвик, но сметаат дека изборите се единственото решение во една фунционална парламентарна демократија.
Елизабета Кузмановска
