Граѓаните со различни ставови за пандемијата, велат дека ги почитуваат мерките
Скопје и натаму со најголем број на заболени со Ковид-19. Во Чаир, Сарај и во Бутел. Екипа на МТВ на терен. Граѓаните со различни ставови за пандемијата, но сите велат дека ги почитуваат мерките и се заштитуваат...

Главниот град и натаму останува најголемо жариште на Ковид- 19. Неколку општини во континуитет се меѓу местата со најмногу заразени. Надлежните будно ја следат состојбата со ширењето на заразата. Во моментов во Скопје најмногу активни случаи има во Чаир, Сарај и во Бутел.
Посетивме дел од овие општини. Граѓаните полека стануваат свесни дека заканата од коронавирусот е многу реална, оти е неопходно да се заштитат и строго да се почитуваат препораките на надлежните.
„Се заштитуваме, држиме расатојание, не контактираме многу.“
„Мора да се заштитиме, државата така ни вели. Како ќе ни кажат, така ќе правиме.“
„Ќе отиде полека, полека па ќе останеме здрави. 80-годишен човек сум, досега ниедна болест не ме фатила.“
„Тие што се болни, а не кажуваат, контактираат со здрави, и така брзо се пренесува“- велат дел од граѓаните кои ги анкетиравме.
Засега не се исклучува можноста и од воведување карантин во одредени општини, но тоа ќе зависи како ќе се одвива ситуацијата.
Александра Спировска
