Нови 67 случаи со Ковид- 19, 25 оздравени пациенти, еден починат

02.06.2020 15:39

Сѐ уште не се пристигнати бројките од една приватна лабораторија и во следните неколку часа ќе биде објавена и деталната статистика по градови, соопшти министерот Филипче на денешната прес- конференција...

Од направени 868 тестирања, 67 пациенти се позитивни на Ковид-19, 25 се оздравени, еден е починат- последни податоци за состојбата. Коронавирус имаат петмина во дом за стари лица во Ченто и Кадино. Деновиве ќе бидат тестирани и 30 полицајци. Продолжува и скринингот во градинките. Според министерот Филипче, во општините Чаир и Студеничани во десет семејства има голем број лица кои се потенцијални заразени и кои се тестираат.

Министерот Филипче вели дека податоците се следат и до четврток, доколку е потребно, ќе бидат најавени нови мерки за заштита. Според него, негирањето на вирусот нема да помогне во подобрување на состојбата. Посочува дека сите мерки во светот се исти и целта е заштита на здравјето на луѓето.

Според ресорниот министер, солиден е капацитетот на здравствениот систем, има доволен број респираторни машини. Информира дека протоколи се подготвуваат и за одењето на плажите, за угостителските објекти и за камповите.

Филипче соопшти дека до изутрината на Клиниката за инфективни болести во Скопје се примени шест пациенти и сега се хоспитализирани вкупно 40. Таму нема пациент кој е на механичка вентилација, а на кислородна поддршка се 16 пациенти.

Во Градската општа болница „8-ми Септември“ хоспитализирани се вкупно 27 позитивни на Ковид-19, од кои на респираторна машина се шест пациенти. Во болницата во Битола хоспитализирани се седум пациенти, а во болницата во Штип 14.

На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп вкупно се хоспитализирани 27 пациенти кои се позитивни на вирусот, посочи Филипче.