Кумановци со поделени мислења за полицискиот час
Поделени се мислењата на кумановци за претстојниот тридневен полициски час. Дел од нив сметаат дека викендов не треба да има забрана за движење, бидејќи е зголемен бројот на заболени во Липково. Другите пак се согласуваат со забраната, бидејќи сограѓаните не ги почитувале препораките. Општинскиот кризен штаб не бил контактиран при носењето на оваа одлука. Кумановци изминативе месеци, дури седум недели, за време на викендот беа во карантин.

Се враќа забраната за движење во Куманово. Најголемата општина во државата од вечерва повторно ќе биде во тридневен полициски час. Кумановци изминативе месеци, дури седум недели, за време на викендот беа во карантин. Владата одлучи да се врати оваа рестриктивна мерка, откако бројот на заболени во Општина Липково, нагло почна да се зголемува, но и поради претстојниот празник Духовден, кога голем број кумановци ги посетуваат вечните почивалишта на своите блиски.Во Куманово денеска се регистирани 19 случаи, но дури 17 од нив се од Липково. Дел од кумановци со став дека викендов не треба да има полициски час. Другите пак ја прифаќаат забраната за движење, бидејќи дел од сограѓаните не ги почитувале препораките.
„Мислам дека не е, тоа е премногу со овие полициски часови, не знам што е работата“- вели еден кумановец.
„Јас сум 86 години јас заборавив да одам овие денови што бевме под рестрикција, да не излезеш од врата“- вели друг кумановец.
„Сами си правиме ние до оваа состојба што дојде, сметам дека е исправна одлуката“- дополнува уште еден кумановец.
„Од толку лица 70-80 проценти не носат, некои ги носат заради украс под брадата, а некои дали полицијата да не ги опомене. Не ги носиме ради самите себе а после заради другите“- нагласува трет.
И дел од здравствените работници имаат поделено мислење за одлуката Куманово повторно да се стави во карантин.
„Мислам дека доста бевме во карантин, не верувам дека целосен карантин ќе ја намали бројката на заболени ги молам граѓаните да сфатат дека 2019 и 2018 година не може да се врати. Ковид 19 постои и ќе остане. Ние треба да ги смениме нашите навики да не се ракуваме, прегрнуваме, да држиме растојание уште некое време, да го победиме овој вирус“- нагласи Фатмир Асани, претседател на Здружение на матични лекари Куманово.
При носењето на одлуката за тридневен карантин во Куманово надлежните власти не побарале мислењеод општинскиот кризен штаб. Кумановскиот градоначалник со апел до граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките, но и со барање до надлежните да не се носат ад хок решенија.
„Знаеме дека имавме неколку такви ад хок решенија кои создадоа невиден метеж во градот и ја зголемуваат можноста за ширење на ковид вирусот а дополнително апелирам и до Министеството за внатрешни работи да го зголеми бројот на контроли и патролите особено во перидоот кога е ограничено движењето“– посочи градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Кумановскиот кризен штаб бара Комисијата за заразни болести да изготви план со кој ќе се спречипренесувањето на вирусот, од просториите на општина Липково во Куманово, но и да се зајакнат превентивните мерки во општата болница.
Елена Георгиевска
