Охрид полн со гости
Илјадници возила од целата држава вчера попладне ги преплавија охридските улици. Продолжениот празничен викенд , но и полицискиот час што во некои градови ќе трае до понеделник наутро придонесоа сите оние што имаат станови и викендички да дојдат на охридското крајбрежје. Градот од вчера пулсира како вистински туристички центар, но само до 16 часот кога започнува забраната за движење. . .

Од вчера попладне Охрид е полн со гости. Во најголемиот македонски туристички центар допатуваа граѓани од целата држава кои на охридското крајбрежје поседуваат викенд-станови, викендички или можат да се сместат кај роднини и пријатели. Велат дека продолжениот празничен викенд ќе го искористат да уживаат во прошетките и неповторливите убавини што ги нуди градот, езерото и неговата околина.
„Ние сме од Скопје, во Охрид се чуствуваме пријатно затоа сме секогаш тука“.
„Прекрасно е, многу убаво и климата и се, задоволни сме“.
„Треба да дојде секој тука наместо да оди на некои далечни места, зашто Охрид е местото кое што е за сите луѓе, за сите генерации, за сите возрасти“- велат граѓаните што ги анкетиравме.
За разлика од повозрасните младите повеќе сакаат да се дружат, но велат дека ги почитуваат мерките за заштита.
„Доаѓам често во Охрид, секој продолжен викенд. Секој момент кога сум слободен доаѓам тука бидеќи имам тука роднини и пријатели. Ги почитувам мерките, ги почитував и во Скопје, апелирам нормално и тука да се почитуваат сите мерки, граѓаните да носат заштитни маски“.
„Јас сум од Србија. Дојдов тука уште пред почетокот на корона кризата. Градот и државата ме примија многу добро, се стекнав со пријатели. Се дружиме, но упатувам апел да се почитуваат мерките за заштита“, велат граѓаните што ги анкетиравме.
Иако на интернет страниците за сместување има огласи од приватните станоиздавачи од Пазарниот инспекторат предупредуваат дека сеуште не е донесена уредба за олабавување на мерките во сместувачките капацитети.
Изнајмувањето на објекти или соби е кривично дело според член 206 од кривичниот законик, а казните се високи и за приватните лица се движат од 2 000 евра па нагоре.
Поради тоа од пазарната инспекција апелираат охриѓани да бидат дисциплинирани како и досега.
И ако дел од граѓаните на Охрид се вознемирени поради тоа што некои од гостите доаѓаат од градови каде што е зголемен бројот на заразени од коронавирусот, угостителите кои ги отворија летните тераси се задоволни бидеќи очекуваат да надополнат дел од загубеното во изминатиот период.
Сашо Нелоски
