Полициски час: Речиси празни улици во Скопје
Речиси празни улици, по некоја кола во брзање и неколкумина минувачи со дозволи за движење заради работни обврски. Полицискиот час ги затвори граѓаните во своите домови. Полицијата патролира. На прсти може да се избројат и објектите кои вршат испорака на нарачки. Тивко и на гробиштата, местата каде вообичаено на Задушница е најпосетено...

Скопје го живее полицискиот час. Малку е пораздвижено од претходно. Повеќе автомобили и граѓани се надвор од домовите. Оние кои ги сретна нашата екипа на потегот од Бит Пазар до Чаир , од Ченто до Аеродром, велат животот не запира, со дозволи на работна задача, или да му се помогне некому. Но, и по некој што заталкал.
На прсти се бројат дуќани кои се отворени. Еден од нив на главната улица спроти поликлиниката Бит Пазар. Некои не ни беа многу наклонети.
Градежниците го користат прекинот на сообраќајот за да завршат поголеми зафати кои би биле проблематични за во работен ден.
Помалите сокаци во маалата се како замка. Во двор сте, но сепак на улица. Или неколкумина се во еден двор. Но, се оддржува два метри растојание.
Гробиштата се празни. Еден погреб со неколкумина. Тивко е на денот кога вообичаено ова место е најпосетено. Друг е во најава, ни рекоа од продавницата за цвеќиња и свеќи.
Полицијата патролира на главните крстосници. Се проверува секој автомобил.
Полицискиот час ќе трае до понеделник наутро, дотогаш останете дома во добро здравје.
Фиљана Кока
