Анкета на ИРИ: Разлика од еден процент меѓу Заев и Мицкоски, Ахмети не е најпопуларен лидер во албанскиот корпус
Време е за Албанец премиер, смета лидерот на ДУИ, Али Ахмети на 18- годишнината од формирањето на партијата. Преку статус на Фејсбук тој најави дека ова ќе му биде целта на престојните избори. Но, анкета на ИРИ покажува дека не е најпопуларен лидер во албанскиот корпус. Ова истражување покажа дека и довербата кај етничките Македонци за Заев и за Мицкоски е со разлика од еден процент...

„Пандемијата Ковид-19 го направи пристапот до веродостојни информации поважен од кога било- потенцирајќи ја виталната важност на борба против дезинформациите на балканот и на глобално ниво“- заклучува анализата по спроведената анкета од страна на Меѓународниот републикански институт ИРИ спроведена во пет држави на Балканот. Заедничко им е мислењето за посилна економија и вработувањата како проблем, но заеднички е и ентузијазмот за членство во ЕУ.
Косово предничи со 93 проценти додека во Македонија ако има референдум 74 проценти од граѓаните би гласале за влез во Европската унија. Дури 61 процент од граѓаните сметаат дека земјава се движи во погрешна насока, од нас со негативно мислење се побројни само жителите на Босна и Херцеговина. Нашите граѓани посочиле дека најголем проблем е невработеноста и слабата економија, потоа трошоците за живот со високи цени и корупцијата.
Македонците се песимисти и за тоа дали актуелната политика води кон консензус или поголема поларизација. Задоволни од политиката се 36 проценти од испитаниците, додека песимистички одговор дека се оди кон поголема поларизација 45 насто од граѓаните.
Негативно мислење нашите граѓани имаат и за развојот во неколку области. Дури 44 проценти сметаат дека економијата е во многу лоша состојба, наспроти трите проценти граѓани кои мислат дека економијата ни е напредна. Негативни се и мислењата за почитувањето на законите, демократијата и човековите права.
Лидерот на владеачката СДСМ е со осум процентна доверба кај граѓаните, само еден процент зад него во довербата е првиот човек на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, додека со два проценти доверба се лидерот на Алијанса, Зијадин Села, првиот интегративец Али Ахмети, а исто толку доверба има и Никола Груевски.
Лажните вести се проблем на Балканот. Мнозинството во сите пет држави рекле дека наидуваат на погрешни или лажни информации во медиумите дневно, скоро секој ден или неколку пати неделно.
Освен Србија која е насочена кон Русија и Кина, за важни економски и политички партнери останатите граѓани од другите четири држави ги посочиле САД, Германија , но и Турција. Анкетата во земјава ИРИ ја спровеле од 15ти февруари до 4-ти март на вкупно 1.472 испитаници.
Миле Ристески
